Моментален број на посетители:
561
 
 
 
Наскоро корисниците на веб страната на ЈСП ќе бидат во можност за планрање на патувањето
Информации за сите расположливи типови на билети, цени, можност за превземање на барање за издавање на билети ...
Информации за сите места во Скопје и пошироко каде корисниците на јавниот превоз можат да купат билети од сите типови и видови ...
 
отворениот повик за „Скопски автобуски хакатон“
05 септември 2016
 

  

„Скопски автобуски хакатон“

~Отворен повик~

 

ЈСП Скопје ве повикува да учествувате на „Скопски автобуски хакатон“ на кој ќе се изработува иновативно софтверско решение во насока на зголемување на задоволството од користење на јавниот градски транспорт во Скопје, преку оптимизација на бројот на патници во автобусите на линиите 2, 5, 19, 22 и 57.

 

Хакатонот е организиран во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, Градот Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Факултетот за информатички науки и копјутерско инженерство од Скопје (ФИНКИ), Техничкиот факултет во Битола, Технолошки Парк (SEEUTechPark), Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола.

 

Хакатонот е отворен за сите креативни индивидуалци, тимови и стартапи[1]  кои имаат желба да работат на ваков проект, а имаат и познавања од областа на развој на софтвер. За учество на хакатонот, треба да се пријавите на следниот линк. Поднесувањето на електронски пријави започнува од 01.09.2016 година и ќе трае до 15.10.2016 година.

Рокот за пријавување може да  биде продолжен по одлука на организаторите.

 

Хакатонот ќе трае 24 часа и ќе започне на 3 декември 2016 година (сабота) во 11:00 часот.

 

Најдоброто решение на хакатонот ќе биде наградено согласно точка 3 од овој Повик.

 

1.                  Правила за учество на хакатонот

1.1.            Подобност

Подобни за учество на овој хакатон се апликантите кои ги исполнуваат следните критериуми:

-                      Лица, идивидуалци не помлади од 18 години,

-                      Тимови (од најмалку 2 до најмногу 5 членови не помлади од 18 години) и/или

-                      Микро, мали и средни претпријатија од сите индустрии и сектори регистрирани како трговски друштва согласно Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија, кои постојат најмногу 6 (шест) години во моментот на аплицирање и кои воведуваат или вовеле иновации во рамки на своите деловни активности

 

1.2. Комисија за избор

-          Јасмина Поповска - Фонд за иновации и технолошки развој

-          Марјан Пеповски - Јавно сообраќајно претпријатие Скопје

-          Преставник на Град Скопје

-          Јасминка Јанакиева – Министерство за образование и наука

-          Проф. Др. Иван Чорбев - Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Скопје

-          Проф. Др. Верица Данчевска - Технички факултет, Универзитет Св. Климент Охридски -Битола

-          Проф. Др. Азир Алиу - Технолошки Парк (SEEUTechPark)

-          Проф. Д.р Благој Делипетрев - Факултет за Информатика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

-          Доц. Др. Томе Димовски - Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Универзитет Св. Климент Охридски, Битола

-          Павлина Здравева -  УНДП Македонија

 

* Сите заинтересирани лица кои сакаат да аплицираат со тим, но им треба поддршка во формирање на тимот со соодветни членови, може да се обратат до лицата за контакт кои се наведени во точка 10. од овој Повик. Лицата за контакт ќе се потрудат да помогнат во формирањето, но не гарантираат дека ќе се формираат тимови и нема да имаат одговорност за тоа како ќе функционира тимот.

 

** На натпреварот не може да учествуваат лица или претпријатија кои имаат судир на интереси со членовите во комисијата за избор

 

1.3.            Начин на пријавување

Сите заинтересирани лица кои сакаат да учествуваат на хакатон треба да достават електронска пријава за учество на хакатон најдоцна до 15.10.2016 година.

Пријавувањето на апликантите ќе биде исклучиво преку онлајн пријава на следниот линк.

При пријавувањето, апликантите пополнуваат кратка техничка спецификација. Потребно е краток опис на алгоритмот кој е избран за решавање на проблемот со посебен акцент на влезните податоци од кои има потреба алгоритмот како и параметрите кои треба да се оптимизираат. Алгоритмот треба да се илустрира/прикаже преку псеудо-код. Дополнително треба да се направи оценка на перформансите на алгоритамот како временски така и во однос на процесирачките и мемориските побарувања како и краток опис на техно-економска анализа.

 

2.                  Оценка и избор

2.1.            Постапка при оценување и избор

Оцената на идејните софтверски решенијата се состои од неколку фази:

· административна проверка на пријавите (дали пријавата е комплетна и во согласност со условите наведени во јавниот повик);

· прва оцена на предложеното решение (претселекција);

· детално разгледување и оценување на предложеното решение на хакатонот (само за претселектираните предлог проекти);

· презентација на предлог решенијата (pitching)

· одлука за избор

 

Комисија за оценување и избор, составена од претставници на организаторите, има одлучувачка улога во процесот, водејќи се според критеримуите наведени во точка 2.2.

 

2.2. При оцената на идејните софтверски решенија, комисијата ги применува следните главни критериуми за оценување:

- Иновативност на софтверското решение (решението резултира со јавна услуга што е подобра од постојната, решението ќе придонесе за значајно подобрување на работењето на ЈСП Скопје, решението содржи новитет, решението резултира со поголема корист и задоволство за корисниците на автобускиот превоз, решението дава можност за развој на дополнителни услуги за корисниците на превозот и  сл.)

- Квалитет на техно-економска анализа (техно-економската анализа ги содржи сите неопходни информации за да се утврди следното: решението е технички изводливо и може да се спроведе во работата на ЈСП Скопје, воведувањето и одржувањето на решението е економски исплатливо, решението нема големо влијание на зголемување на трошоците на ЈСП Скопје, сите трошоци се соодветно испланирани и водат кон остварување на соодветните резултати и сл.).

За секој од горенаведените критериуми може да се добијат најмногу по 20 бодови, односно едно идејно софтверско решение може да добие најмногу 40 бодови.

 

2.3 По завршување на рокот за пријавување, Комисијата за избор врши административна проверка на пристигнатите пријави, го разгледува секој предлог проект посебно со цел да се утврди дали предлог проектот е комплетен и во согласност со условите наведени во јавниот повик. Само пријавите кои се комплетни и кои ги исполнуваат сите услови од овој повик ќе бидат разгледани и оценети од Комисијата за избор.

 

2.4  Прва оценка на идејните софтверски решенија (претселекција)

Првата оцена на пријавените идејни решенија вклучува претселекција од страна на Комисијата за избор, преку оценување врз основа на претходно утврдени критериуми од точка 2.2 од овој Повик. Горенаведените критериуми се оценуваат со оцена од 1 до 20, каде 1 бод е идејно решение кое не е  иновативно/техно-економската анализа не е квалитетна, а 20 бода значи дека идејното решение е иновација во вистинска смисла на зборот/техно-економската анализа е со одличен квалитет.

Секое идејно решение го оценува секој член на Комисијата за избор и се пресметува просечна оценка од сите одделни оценки од членовите на Комисијата. Доколку одредено идејно решение е оценето со просечна оценка од помалку од 20 бодови, тоа автоматски се одбива и нема да учествува на хакатонот. Доколку одредено идејно решение е оценето со просечна оценка од 20 бодови или повеќе, апликантот ќе може да добие менторска поддршка од национални експерти во областа за доразвивање на идејното софтверско решение и ќе може да учествува на хакатонот на 3 декември 2016 година. По потреба, организаторите може да побараат презентација на идејните  решенија (pitching). На оваа презентација секој апликант накусо ќе го претстави своето идејно решение, а членовите на комисијата за избор имаат право да поставуваат прашања со цел да добијат дополнителни информации за да извршат евалуација.

 

2.5  Втора оценка на идејните софтверски решенија (селекција)

По завршување на хакатонот на 3 декември 2016 година, детално ќе бидат разгледувани и оценети идејните решенија од хакатонот од страна на Комисијата за избор. Втората оценка на идејните решенија вклучува селекција од страна на Комисијата за избор, преку оценување врз основа на претходно утврдени критериуми од точка 2.2 од овој Повик. Горенаведените критериуми се оценуваат со оцена од 1 до 20, каде 1 бод е идејно решение кое не е иновативно/техно-економската анализа не е квалитетна, а 20 бода значи дека идејното решение е иновација во вистинска смисла на зборот/техно-економската анализа е со одличен квалитет.

Секое идејно решение го оценува секој член на Комисијата за избор и се пресметува просечна оценка од сите одделни оценки од членовите на Комисијата.

На хакатонот ќе има презентација на идејните софтверски решенија (pitching). На оваа презентација секој учесник на хакатонот накусо ќе го претстави своето идејно решение, а членовите на комисијата за избор имаат право да поставуваат прашања со цел да добијат дополнителни информации за да извршат евалуација.

 

2.6              Одлука за избор

Конечната одлука за избор ја носи Комисијата за избор. Според просечните оценки се прави ранг листа и идејното решение кое има најмногу освоени бодови односно чија просечна оценка е највисока е прво на ранг листата. Прворангираното решение ќе се смета за победничко и ќе ја добие наградата од точка 3. од овој Повик.

По донесувањето на конечната одлука за избор, добитникот се обврзува да потпише договор со ЈСП Скопје најдоцна во рок од 15 дена за давање на користење на правата од интелектуална сопственост, односно изворниот код.

 

3. Награда

На натпреварот може да има само еден  Победник, кој е прворангиран според утврденото во точка 2.4 и 2.5 од овој Повик. 

Победникот ќе биде избран за време на хакатонот, а останатите учесници уредно и транспарентно ќе ги добијат резултатите од натправарот.  

Победникот на хакатонот може да избере една од долунаведените награди:

-          Паричен износ од 45.000 денари,

-          Зимување за победникот/победниците со покриени трошоци за пат и сместување со полн пансион

-          Реклама на автобуси во износ од 120.000 денари

-          Реклама на автобуски постојки во износ од 120.000 денари

Сите учесници на хакатонот ќе добијат:

-          Билети за жичарница за 2 возења за двајца и

-          Месечни билети за градски превоз за период од 2 месеци

 

*Наградата ќе биде обезбедена од страна на ЈСП Скопје во рок од 15 дена по потпишување на договор со победникот на хакатонот.

 

 

4. Правила за „Скопски автобуски хакатон“

4.1. На учесниците на хакатонот ќе им бидат обезбедени следните податоци кои можат да ги користат за изработка на софтверското решение:

- број на патници кои се регистрирале за влез во секој автобус на секоја постојка на линиите 2, 5, 19, 22 и 57 (во xls фајл)  

- вкупен број на патници кои биле во секој автобус на секоја одделна постојка на линиите 2, 5, 19, 22 и 57 (во xls фајл)

- возен ред за линиите 2, 5, 19, 22 и 57 (во xls фајл)

- структура на патници кои се возат во секој автобус на линиите 2, 5, 19, 22 и 57 и тоа по тип на картичка, а за оние со персонализирани податоци и по возраст (во xls фајл)

- број на автобуси кои се во сопственост на ЈСП Скопје и типови на автобуси  (во xls фајл)

- број на автобуси кои возат на линиите 2, 5, 19, 22 и 57 (во xls фајл)

- потрошувачка на автобуси по тип на автобус (во xls фајл)

- број на возачи вработени во ЈСП Скопје (во xls фајл)

- број на возачи кои возат на линиите 2, 5, 19, 22 и 57  (во xls фајл)

- други податоци кои би биле побарани од пријавените учесници на хакатонот, а кои се на располагање на ЈСП Скопје и кои се отворени за јавност

 

Сите податоци кои ќе бидат користени од страна на учесниците за време на хакатонот ќе бидат обезбедени од ЈСП Скопјe најмалку 15 дена пред одржување на хакатонот.

 

4.2. Учесниците на хакатонот треба да обезбедат демо верзија на софтверското решение кое го развивале во рамки на хакатонот со проценка на сите параметри кои се оптимизираат (техноекономска анализа – ги содржи сите неопходни информации за да се утврди следното: решението е технички изводливо и може да се спроведе во работата на ЈСП Скопје, воведувањето и одржувањето на решението е економски исплатливо, решението нема големо влијание на зголемување на трошоците на ЈСП Скопје, сите трошоци се соодветно испланирани и водат кон остварување на соодветните резултати и сл.).

 

4.3. Со учество на хакатонот, учесникот (или тимот и сите негови учесници) се согласува/ат на следново:

-                      односот помеѓу учесникот и организаторите, не е доверлив, поверенички или друг посебен однос;

-                      учесникот е обврзан и се согласува со официјалните правила и одлуки на организаторите, спонзорите и/или комисијата за избор, кои се обврзувачки и конечни за сите прашања кои се однесуваат на хакатонот;

-                      за време на хакатонот ќе се однесува професионално. Однесување кое е штетно, заканувачко, навредливо, клеветење, навредување,  загрозување на туѓа приватност, штетни за малолетници во било кој начин, или непочитување кон поединец или група на поединци врз основа на религија, пол, сексуална ориентација, раса, етничка припадност , возраст, односно инвалидност, нема да се толерира, и ќе резултира со исклучување на учесникот од хакатонот.

 

Без ограничување на горенаведеното, организаторите немаат никаква одговорност во врска со:

-                      секоја погрешна или неточна информација, без разлика дали е предизвикана од електронски или печатени грешки на организаторите, или од опремата и програмите поврзани со или кои се користат во хакатонот;

-                      технички грешки од секаков вид, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на дефекти, прекини, или исклучувања во телефонски линии, интернет конекција или електронски грешки во преносот или мрежен хардвер или софтвер или неуспехот на официјалните веб-страници;

-                      неовластена човечка интервенција во било кој дел од процесот на влез или на хакатонот;

-                       техничка или човечка грешка што може да се случи во администрацијата на хакатонот или обработката на апликациите;

-                      повреда или оштетување на лица или имот кои можат да бидат предизвикани, директно или индиректно, во целина или во делови, од учество на учесникот за време на хакатонот или за време на доделување на наградата.

-                      организаторите не се одговорни за нецелосни, доцна доставени, упатени на погрешна адреса, оштетени, изгубени, нечитливи, или неразбирливи пријави или за промени на адреса (електронска и физичка) на учесниците. Доказ за испраќање или поднесување нема да се смета за доказ за прием од страна на организаторите.

 

Ако поради некоја причина пријавата не е примена или е ненамерно избришана, изгубена или уништена, единствен начин е  учесникот да бара можност повторно да ја поднесе својата пријава. Такво барање мора да се направи веднаш откако учесникот дознае, а ќе се одлучи дали е погоден за одново пријавување од страна на организаторите.

 

5.      Публицитет

Организаторите можат да ги фотографираат и снимаат активностите на хакатонот. Со учеството во хакатонот секој учесник се согласува на користењето на сите записи и други лични информации за него, од  страна на организаторите и трети лица кои делуваат во нивно име. Такви лични информации вклучуваат, но не се ограничени на, име и презиме, лик, фотографија, глас, мислења, коментари, и роден град. Овие податоци може да се користат во било кој постоечки или новосоздадени медиум, во целиот свет, без понатамошно плаќање или разгледување или право на преглед, освен ако не е забрането со закон. Овластената употреба вклучува рекламирање и промотивни цели.

Траењето на дозволата се однесува на период од една година од денот на почнување на хакатонот. Оваа согласност се однесува на сите официјални учесници на хакатонот.

 

6.                  Општи услови

Организаторите го задржуваат правото на единствена дискреција, да се откаже, да се суспендира и/или да се менува хакатонот, или било кој дел од него, во случај на техничка грешка, измама или за било кој друг фактор или настан што не бил предвиден или не е под нивна контрола.

Секој обид од страна на кое било лице да го загрози соодветното спроведување на хакатонот, може да претставува основа за кршење на кривично и граѓанско право. Во тој случај организаторот има право да преземе соодветни правни мерки во согласност со законите на Република Македонија.

 

Ако постои несовпаѓање или недоследност помеѓу термините и условите на официјалните правила или други изјави во  материјалите во хакатонот, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на формуларот за аплицирање, веб-страниците, рекламирањето, тогаш роковите и условите на официјалните правила ќе бидат конечни и официјални.

 

Правилата на хакатонот се предмет на промена во било кое време, како и правата и обврските на учесникот, и организаторите. Организаторите ќе ги објават измените и дополнувањата на официјалните правила на официјалната веб страница www.jsphakaton.mk

Неуспехот на организаторите  да се спроведе било кој услов од овие официјални правила, нема да претставува откажување на тој услов.

 

Сите права поврзани со интелектуалната сопственост, трговски марки, логоа, дизајни, промотивни материјали, веб страници, извор, кодови, цртежи, илустрации, слогани и репрезентации се во сопственост на учесникот, но неограничено ќе се користат за потребите на ЈСП Скопје кој може да ги прилагодува, модифицира и подобрува во иднина без никаков паричен или било каков друг надоместок.

 

Трети страни може да обезбедат стоки, материјали или услуги поврзани со хакатонот (на пример, хостинг услуги, визуелни алатки, приказ на податоци и слично). Употреба на било која стока, материјали или услуги обезбедени од страна на било која трета страна во врска со нивните активности на хакатонот е на сопствен ризик на учесникот и е предмет на било каков договор со таквите трети страни. Тоа е одговорност на учесникот дали е дозволено користење на таквите услуги од трети лица. Организаторите не се одговорни за таквата употреба, дури и ако тие се рекламираат од нивна страна.

 

7.                  Обврски и ограничувања

Со учеството на хакатонот, сите учесници се согласуваат да бидат обврзани со официјалните правила и со тоа организаторите се ослободуваат од сите одговорност во врска со наградата или учеството на учесниците во хакатонот. Во ниту еден случај, организаторите нема да се одговорни за: посебни, индиректни, случајни, примерни или консеквентни загуби или штети од каков било вид кои произлегуваат од или се во врска со хакатонот.

 

8.                   Спорови

Учесниците се согласуваат во потполност и во согласност со законот:

- сите евентуални спорови, побарувања и причини за правно дејство, кои произлегуваат од или се поврзани со натпреварот или доделената награда, освен оние кои се однесуваат на организација на натпреварот или определување на победникот, пред  било какво започнување на правна постапка да се решаваат спогодбено.

- сите спорови, побарувања и причини за дејство, кој произлегуваат од или се поврзани со натпреварот или определување на победникот, доколку не успеале да се решат спогодбено,   да се решаваат исклучиво од страна на надлежен суд во Република Македонија.

 

9.                   Дополнителни услови кои не се дел од официјалните правила

Со учество на хакатонот, секој учесник ги прифаќа сите правила и обврски поставени од страна на организаторот. Исто така, секој учесник се согласува дека сите одлуки поврзани со хакатонот, кои се направени во согласност со овие официјални правила се конечни и обврзувачки, и дека сите такви одлуки се во дискреционо право на организаторите.

 

10.               Контакт информации

Сите дополнителни прашања може да се достават на следната емаил адреса info@jsphakaton.mk

 

Лица за контакт:

 

Марјан Пеповски  marjan.pepovski@jsp.com.mk - ЈСП Скопје

Марко Георгиевски  marko.georgievski@fitr.mk- Фонд за иновации и технолошки развој

Ѓорѓи Рафајловски   g.rafajlovski@seeu.edu.mk -Технолошки Парк (СЕЕУ Парк)

Проф. Др. Ивица Димитровски  ivica.dimitrovski@finki.ukim.mk - Факултет за информатика и

компјутерско инженерство (ФИНКИ)

Павлина Здравева pavlina.zdraveva@undp.org - УНДП Македонија



[1]  „Новоосновано  микро,  мало  и  средно  трговско  друштво  старт­ап“  е трговско  друштво  основано  од  едно  или  повеќе  физички  и/или  правни лица од чие основање до моментот на аплицирање не  поминале  повеќе  од  шест години, а кои развиваат иновативни решенија

 
 
Јавно сообраќајно претпријатие Скопје - Изработка Unet Interactive 2009. Сите права се задржани.